Моќните придобивки од прегратката
Дали некогаш сте се чуделе зошто се чувствувате подобро откако ќе го гушнете вашиот партнер или зошто солзите престануваат да ви течат веднаш штом ќе ве прегрне вашата пријателка или сестра? Одговорот лежи во неверојатната моќ на прегратката.
Прегрнувањето е позитивна и исклучително топла форма на комуникација која пренесува љубов, приврзаност, благодарност, закрила, пријателска грижа, родителска поддршка, охрабрување...
Како и секоја снегулка, така и секоја прегратка е различна – се состои од различна доза допир и буди уникатни емоции. Прегратките испраќаат и различни пораки – може да велат „Здраво“, „Ми недостигаше“, „Те поддржувам“, „Те сакам“, „Ти благодарам“... Но, секоја искрена прегратка носи и куп бенефиции, и за оној што прегрнува, и за оној прегрнатиот.

Придобивки за здравјето
Прегрнувањето често е нарекувано „чудотворен лек“, затоа што има позитивно влијание врз здравјето. Прегратките обично траат околу 3 секунди, но според некои експерти, здравата прегратка треба да трае околу 20 секунди. Еве кои се здравствените придобивки од прегрнувањето:- Редуцирање на стресот. Дали некогаш ви се случило стресот едноставно да исчезне по долгото гушкање со вашиот партнер? Прегрнувањето го намалува нивото на кортизол, хормон кој се лачи за време на стрес, а ги зголемува нивоата на серотонин и допамин, хормони поврзани со доброто расположение, па нормално е по пријатната прегратка да се чувствувате подобро.
- Подобрување на спиењето. Намалениот кортизол го намалува неспокојството во нашиот мозокот, што води до полесно заспивање. Исто така, гушкањето, особено кај малите деца, се поврзува со намалена активност на центарот за страв во мозокот, па тие полесно заспиваат во прегратката на своите родители.
- Редуцирање на болката. Сигурно и вие во детството сте го тестирале овој позитивен ефект на прегратката. Болката од крвавото колено речиси исчезнуваше кога ќе ве прегрнеше мајка ви или заборававте на болката од ставената инјекција кога ќе ве прегрнеше татко ви... Истражувањата спроведени со мали деца докажале дека тие чувствуваат помала болка кога се во прегратките на своите родители.
- Намалување на крвниот притисок. Гушкањето релаксира и смирува, па со тоа го забавува дишењето и ритамот на срцето, што води до намалување на крвниот притисок. Истражувањата покажуваат дека ваквите бенефиции се поголеми за жените, отколку за мажите.
- Намалување на ризикот од срцеви болести. Високото ниво на кортизол и високиот крвен притисок се поврзуваат со зголемен ризик од срцеви заболувања. Па, гушкањето покрај тоа што го редуцира стресот, го намалува и ризикот од кардиоваскуларни заболувања и срцев удар.